Македонија

„Алкалоид“ доби финансиска поддршка од државата, Мукаетов: За пет години инвестиции од 50 милиони евра

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев и неколку министри, го посети Алкалоид, една од најуспешните македонски компании кои постојано бележат раст на производството, извозот и профитот. Оваа компанија во  изминатите две децении инвестирала над 200 милиони евра, но за прв пат добива помош од страна на државата, во износ од еден милион евра. Според потпишаниот договор Алкалоид се обврзува во следните пет години да инвестира најмалку 50 милиони евра.

„Во последните 20 години инвестиравме над 200 милиони евра, а ова е прв случај да од државата да добиеме помош за она што го инвестираме во континуитет. Договорот што го потпишавме со државата од наша страна значи дека ние во период од пет години треба да инвестираме 50 милиони евра, во нови погони, нова опрема, нови едукации за наши вработени. Од друга, страна, врз база од она што го инвестираме, доколку ги исполнме и останатите критериуми кои стојат во договорот да можеме годишно да сметаме на помош од државата која максимално би се ограничила на сума од 1 милион евра“, изјави Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид.

 Ваквата синергија помеѓу државата и компаниите треба да донесе бенефит е економски ефекти, не само за компаниите, туку и за граѓаните.

„Практично имавме прилика да видиме една европска фабрика. Среќни сме и горди што имаме вакви фабрики во Република Северна Македонија. Се надеваме дека користејќи ја синергијата помеѓу владата, економијата и граѓаните, ќе дојдеме до позначителни економски ефекти“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Алкалоид оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2018 година. Според единечниот Биланс на успех, продажбите достигнуваат 7.5 милијарди денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација, која изнесува 1.4 милијарди денари, бележи зголемување од околу 13%. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%, и за прв пат надминува износ од 100 милиони евра. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашен пазар, додека 63% се остварени на странски пазари. Во периодот јануари – декември 2018 година во Алкалоид се реализирани 212 нови вработувања.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни