Време е Република Македонија да ја добие својата прва жена претседателка, рече во своето обраќање на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска претседателски кандидат на опозициската партија. Таа истакна дека македонскиот идентитет на смее да се загрозува и дека Преспанскиот договор е штетен за Македонија. Воедно рече дека жената е клучна димензија во општеството, дури отиде чекор понатаму велејќи дека самото име на државата е во женски род и дека терминот политика е во женски род, од тој аспект Силјановска очекува силна поддршка од жените.
„Кога ќе речам јас денеска македонска држава, ако смеам се разбира, македонска нација не мислам само на етничките Македонци, мислам на сите граѓани. Убедена сум дека гледајќи олку многу жени и мажи заедно дека можеме да направиме многу ако една жена биде претседателка на Република Македонија“, изјави Гордана Силјановска – кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање говореше за актуелните политички состојби најавувајќи обединета борба против, како што истакна „заевизмот“. Ги повика сите оние кои се разочарани од секојдневието да излезат на гласање и да гласаат против заевизмот.
„На оние родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието, а на кои Македонија им е важна… Имаме ист противник, Заевизмот е наш противник исто колку што е и ваш. Но, Македонија ни е заедничка. А бојкотот е слепа еднонасочна улица после која нема втор чекор. Тоа е ѕидот на власта. Нема втора опција и решение“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На овој состанок се обрати и председателката на Унијата на Жени Благица Ласовска која повика на женско обединување.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА