Незадоволството од високите трошоци за образование, условите на универзитетите и обвинувањата за корупција прерасна во сериозна криза во Албанија, каде што трет ден по ред продолжуваат антивладините протести. Во Тирана демонстрантите се судрија со полицијата, беа запалени и оштетени делови од државни објекти, а безбедносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растераат насобраните граѓани.
Протестите започнаа во вторникот, откако студенти излегоа на улиците поради високите трошоци за образование, лошите услови на универзитетите и ограничените можности за вработување. Движењето набргу доби поширок антивладин карактер, со обвинувања за корупција и барања за оставка на премиерот Еди Рама.
Според албанските медиуми, во текот на демонстрациите биле нападнати најмалку осум државни институции, меѓу кои министерствата за образование, внатрешни работи и економија. Демонстрантите кршеле прозорци, превртувале контејнери и фрлале молотови коктели, а оштетен бил и приватен имот.
Албанската полиција соопштила дека по насилствата на вчерашните протести биле уапсени 55 лица, меѓу кои и двајца малолетници на возраст од 15 и 17 години. Против дополнителни 98 лица биле поведени кривични постапки.
Според претходните информации пренесени од меѓународните медиуми, во судирите биле повредени најмалку 23 полицајци и шест цивили.
Дополнителни реакции предизвикаа и снимките објавени од порталите ЦНА и „Газета Фјала“, на кои се гледа колона возила на улиците во Тирана, опишани како воени. Засега нема официјална потврда дека Армијата е вклучена во справувањето со протестите, ниту официјално објаснување за присуството на возилата.
Протестите продолжија и денеска, а студентите и средношколците ја бојкотираа наставата и повторно излегоа на улиците. Дел од демонстрантите се упатиле кон парламентот, каде што полицијата интервенирала за да ги растера. Бојкот на наставата бил забележан и во Елбасан, Скадар и Драч.
Премиерот Еди Рама ги отфрли барањата за оставка, порачувајќи дека владите се менуваат преку демократски избори. Во писмен одговор за „Ројтерс“, тој изразил подготвеност за разговор за проблемите во образованието, но истовремено ги осудил нападите врз институциите и уништувањето на имотот.
„Нападите врз институциите, уништувањето на јавниот имот и загрозувањето на јавната безбедност немаат никаква врска со оправданите барања на студентите“, навел Рама.
Незадоволството од владата се надоврзува и на други спорни прашања, меѓу кои и противењето на туристички проект поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Противниците на проектот изразуваат загриженост за неговото влијание врз заштитениот екосистем во областа на лагуната Нарта.
Реакција пристигна и од Делегацијата на Европската Унија во Албанија, која го осуди насилството и уништувањето на јавниот и приватниот имот. Истовремено, од Делегацијата го нагласија правото на мирно собирање и слобода на изразување, повикувајќи ги сите страни на воздржаност и дијалог.
И покрај повиците за смирување на состојбата, протестите продолжуваат, а останува неизвесно дали владата и демонстрантите ќе најдат решение за надминување на кризата.