Македонија

Забранета водата за пиење од пет јавни чешми во Гевгелиско

Забранета водата за пиење од пет јавни чешми во Гевгелиско

Водата од пет јавни чешми во Гевгелиско не ги исполнува условите за безбедност и квалитет за пиење, покажале лабораториските анализи на Центарот за јавно здравје во Велес. Поради утврдените отстапувања, Општина Гевгелија ја забрани употребата на водата за пиење и постави предупредувања на засегнатите локации.

Забраната се однесува на природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма покрај патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода, како и водата од водоводот во Смрдлива Вода.

Од Општината информираат дека редовните лабораториски испитувања покажале микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност и квалитет на водата за пиење.

„По добиеното известување со насоки за постапување од Центарот за јавно здравје – Велес, комуналниот и инспекторатот за животна средина при Општина Гевгелија преземаа активности за информирање на граѓаните. На наведените чешми се поставени табли со предупредување дека водата не е исправна за пиење“, соопштуваат од Општината.

Оттаму додаваат дека ќе се преземат соодветни мерки за отстранување на можните извори на загадување, како и активности за соодветен третман и дезинфекција.

Надлежните појаснуваат дека водата од природните чешми наведени во известувањето потекнува од природни извори и не е дел од водоснабдителниот систем преку кој се снабдуваат домаќинствата.

Општина Гевгелија апелира до граѓаните да ги почитуваат поставените предупредувања и да не ја користат водата од наведените чешми за пиење, со цел да се заштити здравјето и да се избегнат можните ризици од употреба на микробиолошки или физичко-хемиски неисправна вода.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни