Пристапот до образование, здравствена заштита, институции и дигитални услуги, како и можноста за независен живот, се клучни за еднаквото учество на лицата со попреченост во општеството. Овие прашања беа во фокусот на настанот што денеска се одржа во Собранието по повод Меѓународниот ден на белиот стап, со порака дека бариерите треба да се отстрануваат, а пристапноста да се третира како основно право.
Настанот го организираше Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Националниот сојуз на слепи и Зета – Организација за попреченост и правда. Модераторка беше Елена Кочоска, која ги поздрави присутните и му се заблагодари на Собранието за организацијата.
Претседавачот на Интерпартиската парламентарна група, Никола Мицевски, во своето обраќање истакна дека секој човек има право на независен живот, образование и здравствена заштита. Тој нагласи дека пристапноста не е дополнителна придобивка, туку неопходен услов за еднаквост, повикувајќи на почитување на различностите и отстранување на пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Директорката на Државното училиште „Димитар Влахов“, Александра Јаковчевска, се осврна на предизвиците со кои се соочува училиштето во секојдневното работење, како и на реформите насочени кон создавање подобри услови за учениците, нивното образование и самостојно извршување на обврските.
За проблемите со кои се соочуваат слепите лица и лицата со оштетен вид говореше и Валентина Ѓурчиновска, претседателка на Здружението на слепи и лица со оштетен вид – Скопје. Таа ја нагласи потребата од континуирана поддршка и унапредување на условите што ќе им овозможат на овие лица посамостојно да функционираат во секојдневниот живот.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посочи дека Министерството е во постојана комуникација со организациите што ги застапуваат лицата со попреченост и работи на законски реформи за унапредување на нивните права. Тој оцени дека институционалната поддршка и координираната соработка се клучни за постигнување вистинска еднаквост.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги претстави активностите насочени кон зголемување на инклузивноста во образовниот процес. Таа истакна дека целта е секој човек да има еднаква можност да ги развива своите способности и самостојно да ја гради својата иднина.
За активностите на Владата во оваа област говореше и нејзината портпаролка, Марија Митева. Таа нагласи дека институциите имаат обврска донесените мерки и решенија да ги доближат до лицата на кои им се потребни, за тие полесно да можат да ги остваруваат своите права.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се осврна на предизвиците во пристапот до дигиталната инфраструктура. Тој истакна дека целта е граѓаните да можат самостојно, едноставно и брзо да ги завршуваат административните обврски преку дигиталните услуги, без потреба од посета на шалтери.
Пратеничката Емилија Ангелова, членка на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, посочи дека пристапот до институциите не е привилегија, туку човеково право. Таа нагласи дека зад секое лице со попреченост стои личност со сопствени соништа, цели и потенцијал, поради што е неопходно да се создадат услови за рамноправно учество во општеството.
Настанот заврши со дебата во која се вклучија и лицата со попреченост, споделувајќи ги своите лични искуства, секојдневните предизвици и предлозите за подобрување на пристапноста и остварувањето на нивните права.
Учесниците упатија порака дека унапредувањето на положбата на лицата со попреченост бара континуирана соработка меѓу институциите и организациите, но и конкретни решенија што ќе овозможат поголема самостојност, пристапност и еднакви можности за сите.