Од Конгресот на СДСМ во Скопје, заедничкиот кандидат на 31 политичка партија, Стево Пендаровски, допатува во Тетово. Во Мала Речица, Централниот совет на ДУИ официјално даде зелено светло на неговата кандидатура за Претседател на државата.
Со оглед на тоа дека Северна Македонија во јуни очекува одговор од Европскиот Совет за добивање датум за почеток на преговорите, а членство во ЕУ, Пендаровски рече дека не е важно кој ќе победи на овие избори, туку да се покаже дека земјата е способна да одржи фер и демократски избори.
По завршување на средбата на Централниот совет на ДУИ, Секретарот за организација во партијата, Артан Груби, рече дека Советот едногласно го поддржал концептот за консензуален кандидат и кандидатурата на Пендаровски за претседател.
„Господинот Ахмети истакна дека тој самиот и ДУИ не постапуваат според дневни политички стандарди туку со стратегија, цел и долгорочна визија, рационално и без популизам, во корист на заедницата која ја претставува и во корист на сите граѓани“, изјави Артан Груби – организационен секретар на ДУИ.
На прашањето зошто ДУИ не ја поддржала кандидатурата на Блерим Река за претседател, Груби рече дека се свесни дека не може да победи кандидат Албанец само со поддршка од албанските партии. Победа може да донесе заеднички кандидат на двете најголеми заедници во земјава, додаде тој. Освен за претседателските избори, во ДУИ денеска се дискутираше и за локалните избори во Дебар и Охрид, меѓутоа имињата на кандидатите се уште не се знаат. Донесена беше одлука дека во двата изборни процеси, со централниот изборниот штаб ќе раководи потпретседателот Изет Меџити.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ