Младите лесно можат да дојдат до дијазепам во некои аптеки и без рецепт, иако е тоа забрането. Дијазепамот е седатив за смирување и може да предизвика зависност која може да има смртни последици, велат психијатрите.
Некои аптеки се придржуваат до правилата и не издаваат дијазепам без рецепт.
Употребата на дијазепамот во последниве години се зголемува. Фигурира како трет на листата нај консумирани лекови во 2017. Според бројот на рецепти, продадени се над 1 милион кутии, не сметајќи ја продажбата без рецепт.
Според психијатарот Дарко Костовски, за употреба на Дијазепам или Хелекс, претходно е потребна консултација со лекар. Тој вели дека неправилната употреба може да предизвика зависност. Зависноста се манифестира со физички и психички кризи кои не се лекуваат лесно. Пациентите кои консумираат дијазепам без консултација влегуваат во тешки состојби со депресивни реакции кои можат да бидат со смртни последици.
Лекарите остро го осудуваат издавањето на дијазепам без лекарски рецепт и консултација. Како што вели психијатарот Костовски, краткорочна последица може да биде предозирањето, кое се поврзува со одредени акутни психички состојби. Долгорочна последица е развивање зависност од дијазепамот.
Продажбата на лекови co рецепт е зголемена во последниве години. Во 2017 година на товар на ФЗО се реализирани над 23 милиони рецепти во вредност од 2,7 милијарди денари.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ