Во експлозија и пожар во станбена зграда на британскиот остров Џерси загинаа најмалку три лица, а повеќе од 10 се водат како исчезнати. Ова го пренесува БТА, повикувајќи се на Асошиејтед прес и Ројтерс.
Началникот на полицијата Робин Смит на прес-конференција изјави дека околу десетина жители на зградата, која се наоѓала во близина на пристаништето во најголемиот град во Џерси, Сент Хелиер, не се пронајдени по експлозијата. Шефот на полицијата додаде дека трикатниот блок целосно се урнал, а оштетувања има и на соседната зграда. Тој го опиша местото на несреќата како ужасно и предупреди дека може да се идентификуваат повеќе смртни случаи.
Пожарникарите биле повикани од жителите на блокот вечерта пред пожарот, откако почнал да се чувствува мирис на гас. Шефот на пожарникарите Пол Браун рече дека главната задача сега е да се пронајдат преживеани под урнатините, а екипите ќе работат во текот на ноќта.
Експлозијата се случила малку пред 04:00 часот по Гринич. Од експлозијата избувнал пожар, кој бил изгаснат. Меѓу 20 и 30 лица од станбената зграда се евакуирани, а две повредени се испратени во болница.
Џерси е најголемиот од Каналските острови и се наоѓа во близина на брегот на северна Франција. Нејзиното население изнесува нешто повеќе од 100.000 луѓе. Каналските Острови се под британски суверенитет, а не дел од Обединетото Кралство и се царинска територија на Европската унија.