Свет

Германија ги заострува законите за оружје

Германија ги заострува законите за оружје

Германија планира да ги заостри законите за оружје откако беше откриен заговор на екстремно десничарска група за соборување на владата и поставување на благородник за национален лидер. Ова го соопшти министерката за внатрешни работи Ненси Фесер во интервју објавено денеска, пренесе Ројтерс.

Германската полиција оваа недела уапси 25 лица осомничени за вмешаност во заговорот, кој шокираше многумина во една од најстабилните европски демократии. Многумина од осомничените се членови на екстремно десничарското движење Рајхсбиргер („Граѓаните на Рајхот“), кое го негира постоењето на модерната германска држава, според обвинителите.

Сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, во интервју за „Билд ам Зонтаг“ изјави дека членовите на Рајхсбиргер претставуваат се поголема закана за Германија, имајќи предвид дека нејзиното членство се зголемило од 2.000 на 23.000 оваа година.

Обвинителството соопшти дека меѓу осомничените има и лица кои поседуваат лично оружје и знаат да го употребат. Покрај тоа, движењето прави редовни обиди да регрутира сегашен и поранешен воен персонал и има складирано оружје.

„Императив е сите власти да извршат максимален притисок“ за да се заплени ова оружје, рече Фесер. Поради оваа причина, федералната влада дополнително ќе ги заостри законите за оружје во блиска иднина.

Дури и пред масовната полициска операција, властите веќе конфискуваа оружје од повеќе од 1.000 членови на Граѓаните на Рајхот. Се верува дека уште 500 сè уште имаат дозволи за поседување оружје во земја каде што личното оружје е ретко, забележа Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни