Свет

Зеленски ја зголеми дипломатската активност околу војната

Зеленски ја зголеми дипломатската активност околу војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера оствари серија телефонски разговори со американскиот претседател Џо Бајден, како и со францускиот и турскиот лидер Емануел Макрон и Реџеп Таип Ердоган, објави Ројтерс.

Иако Зеленски разговарал со своите тројца колеги многу пати од почетокот на руската инвазија, групирањето на толку многу разговори во еден ден е невообичаено и зборува за зголемување на дипломатската активност околу војната, коментира агенцијата.

„Постојано работиме заедно со нашите партнери“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање и додаде дека очекува некои „важни резултати“ во новата недела од серијата меѓународни настани посветени на ситуацијата во Украина.

Тој рече дека му се заблагодарил на Џо Бајден за „невидената одбранбена и финансиска“ помош што САД и ја дале на Украина и дека разговарал со американскиот претседател за ефективни системи за противвоздушна одбрана за заштита на населението.

Претходно, Зеленски рече дека имал „многу суштински“ разговор со Макрон за „одбрана, енергија, економија, дипломатија“ кој траел повеќе од еден час, како и „многу специфичен“ разговор со Ердоган за обезбедување на украинскиот извоз на жито.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни