Училиштата во Македонија во најголем дел училишната година ја започнаа без учебници, а иако Министерството за образование и наука тогаш делеше скрипти и ветуваше дека до крајот на ноември ќе има набавка, сепак такво нешто не се случи.
Дистрибуцијата започна сега, на само 2 недели пред крајот на првото полугодие, додека пак во училиштата се делат јаболка, како дел од проектот „Здрав оброк“.
Министерот за образование Јетон Шаќири денеска беше прашан од новинарите дали чувствува одговорност да поднесе оставка поради недостигот на учебниците.
„Да, би се чувствувал одговорен за тоа што го предвидов за следната година во 2023/2024 година кога сите процедури би зависеле од Министерството за образование. Знаете дека јас дојдов како министер во јануари кога беа спроведени некои процедури пред една година, што значи дека беше усвоен и предлог буџетот претходната година“, вели Јетон Шаќири.