Сериозниот скок на цените на основните прехранбени производи предизвика многу Европејци да направат избор помеѓу одредени јадења што ќе ги стават на празничната трпеза. И додека многу Французи ќе пропуштат поскапи производи како што се паштета-гра и морски плодови, во соседна Италија дури и цената на тестенините е загрижувачка. Популарните тестенини поскапеа за близу 40 отсто во последните 4 месеци, а тоа е сериозен удар за земјава каде годишната потрошувачка на тестенини достигнува 25 килограми по човек.
Во Италија велат дека начинот на кој човек ги консумира тестенините може да го каже нивниот карактер. Неговата подготовка во земјата која произведува повеќе од 3.500.000 тони тестенини годишно е повеќе од уметност, но денес е под закана.
Зголемените цени на пченицата ги прават тестенините сè понедостапни и ги принудуваат производителите и потрошувачите да бидат сè поприлагодливи.
За Алесио, готвач во популарен ресторан во Ница, предност е што нуди автентични италијански тестенини, кои ги купува по пониски цени од својата татковина и ги продава во многу поскапа Франција.
„Точно е дека цената на тестенините последниве месеци скокна за цели 40%, но конкретно за нас тоа не ја одразува конечната цена на јадењата што ги нудиме. Нашите тестенини доаѓаат од мали занаетчии во Неапол или Сицилија каде што се многу поевтини. Сега им е потешко. Може да ги зголемиме цените ако поскапува некој поспецијализиран производ – како што е одреден вид риба, морска храна или месо. И покачувањето ќе биде 1-2 евра, но не повеќе“, вели готвачот.
Менито во неговиот ресторан се креира секојдневно и ретко ќе најдете јадење кое се повторува. Изборот се базира на сезонски производи, а клиентите знаат дека не е дозволен компромис за квалитетот.
„Во нашиот ресторан готвиме само со свежи производи кои доаѓаат директно од Италија. Нашето златно правило во кујната е ништо да не фрламе. Успеваме да продадеме се, па дури и да ни остане храна, го прилагодуваме менито за да ја користиме. Ова е нашиот одговор на кризата – нудиме оброци направени од квалитетни производи, но по многу пониски цени, во споредба со другите ресторани во околината“, додава Алесио.
За претстојните празници, готвачот Алесио, кој ја сака економичноста во кујната, ни подарува еден од неговите омилени рецепти, кој изгледа елегантно на масата без длабоко да ни допре во џебот.
„Многу едноставен, но вкусен рецепт за јадење кое можеме да го подготвиме за празниците без да не чини многу е печената бонита која ја сервираме на пире од цвекло од спанаќ. Ароматизираме со сос од портокал и посипуваме со прстофат мелено кафе“, вели готвачот.