Енергијата е вратена на речиси 6 милиони луѓе во Украина по најтешкото руско бомбардирање во последните неколку недели насочени кон енергетската инфраструктура на Украина. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето полноќно видео обраќање од Киев.
„Работата за поправка продолжува“, додаде Зеленски, мислејќи на штетата предизвикана од, како што рече, „терористичкиот напад“ во петокот, кога Русија истрела повеќе од 70 проектили кон Украина.
Зеленски ја повика меѓународната заедница да и обезбеди на Украина средства за одбрана на нејзиниот воздушен простор, мислејќи на ефикасен систем за противвоздушна одбрана.
„Можете да го направите тоа. Можете да обезбедите заштита на нашиот народ. 100 процентна заштита од овие терористички руски напади“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател се надева дека неговата земја би можела да добие американски Patriot системи, за кои Киев вели дека ќе спречи оштетување на инфраструктурата во иднина.
„Има проблеми со снабдувањето со топлинска енергија, се уште има големи проблеми со снабдувањето со вода“, рече Зеленски.
Милиони луѓе, наводно, се погодени од прекини на електрична енергија и други ограничувања во земјата.