Москва денеска објави дека неколку нејзини воени бродови ќе учествуваат во поморските вежби кои почнуваат оваа недела со кинеската морнарица, што е знак за продлабочување на врските меѓу двете земји поради притисокот од Западот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека вежбите ќе се одржат меѓу 21 и 27 декември во Источното Кинеско Море со цел „зајакнување на поморската соработка“ меѓу Москва и Пекинг. Тие ќе вклучуваат истрелување во живо на проектили, артилериски и противподморнички вежби за војување, се вели во соопштението.
„Главната цел на вежбата е зајакнување на поморската соработка меѓу Руската Федерација и Народна Република Кина, одржување на мирот и стабилноста во азиско-пацифичкиот регион“, се продолжува во соопштението, додавајќи дека Кина ќе вклучи два разурнувачи, патролни бродови, брод за снабдување и подморница.
„Во вежбите ќе учествуваат авиони и хеликоптери на поморските воздухопловни сили на Пацифичката флота и Народноослободителната флота“, соопшти Министерството.
Поранешните сојузници од Студената војна со бурни односи, Кина и Русија се зближија во последниве години, како дел од она што тие го нарекуваат „безгранични“ односи кои дејствуваат како противтежа на глобалната доминација на Соединетите држави.