Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска одби да одржи прес-конференција и да се фотографира пред таблата со натпис „Република Косово“. Дендиас се сретна со косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервал-Шварц.
Конференцијата во Приштина затоа се одржа од другата страна на салата, каде што го нема логото „Република Косово“, туку само знамињата на Грција и Косово. Грчкиот министер не сакал да се фотографира ниту на влезот во зградата на Министерството за надворешни работи на привремените институции во Приштина, бидејќи таму е присутен и знакот „Република Косово“, пренесува Телеграф.
„Продолжуваме да го поддржуваме дијалогот“
На прес-конференцијата Дендиас ја истакна важноста од продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ги повика двете страни да спроведат се што е договорено досега. Инаку, Дендиас вчера имаше средба и со шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
По средбата со Дендиас, Дачиќ на прес-конференцијата рече дека го информирал грчкиот министер за надворешни работи за ситуацијата на Косово и за тоа што албанската страна не го почитува Бриселскиот договор. Интересот на Србија е да го зачува мирот во регионот и да ги спречи сите можни инциденти, да биде фактор на мирот и стабилноста во регионот“, изјави српскиот министер за надворешни работи.
Дендиас рече дека во разговорот со Дачиќ го повторил ставот на Грција за Косово. „Продолжуваме да го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина за да се постигне правно обврзувачко решение. Договорите што беа потпишани во минатото се важни и мора да инсистираме на нивно почитување. Ќе го повторам тоа во Приштина“, рече грчкиот министер. .