Русија синоќа нападна нафтени и гасни постројки во источна Украина, предизвикувајќи пожар. Ова го соопшти украинската енергетска компанија „Нафтогас“, цитирана од „Ројтерс“.
„Непријателски проектили погодија еден од објектите во регионот Харков. На местото избувна пожар од големи размери, во моментов е во тек негово сузбивање. Нема жртви“, се вели во соопштението на компанијата.
Извршниот директор на Нафтогас Олексиј Чернишов изјави дека се чека проценка на штетата откако службите за итни случаи ќе ја завршат својата работа. Тој увери дека се што е оштетено во нападот ќе биде вратено.
Претходно овој месец, Чернишов рече дека руските напади врз Украина оштетиле 350 капацитети за природен гас во земјата, иако се очекува производството во голема мера да биде обновено до крајот на годината.
Според него, загубата на капацитетот за производство на гас е вредна околу 700 милиони долари.
Производството на гас, кое е од клучно значење за греењето на земјата, главно е концентрирано во источна Украина, местото на некои од најтешките борби од инвазијата на Русија во февруари.
Од почетокот на октомври, Русија, исто така, спроведува воздушни напади врз електроенергетската инфраструктура на Украина, предизвикувајќи прекин на струја и оставајќи милиони луѓе без топлина поради падот на температурите.
Москва вели дека нападите не се насочени кон цивили, туку имаат за цел да ја намалат способноста на Украина да се бори и да ја принудат да преговара. Од своја страна, Киев ги дефинира ваквите напади како воено злосторство.