Балкан

Уште еден политичар поднесе жалба за прислушување од страна на разузнавачката служба во Грција

Уште еден политичар поднесе жалба за прислушување од страна на разузнавачката служба во Грција

Независниот грчки европратеник Јоргос Кирцос поднесе жалба до обвинителството по објавувањето во кое се тврди дека тој бил предмет на прислушување од страна на грчката национална разузнавачка служба.

Државната телевизија ЕРТ објави дека Кирцос вчера поднел жалба против разузнавачката служба, нејзиниот сега веќе поранешен директор Панајотис Кондолеон, упатената апелациска обвинителка Василики Влаху и нејзината полицајка Евангелија Георгакопулу за наводното прислушување на неговиот телефон.

Наводите за прислушувањето на Кирцос и новинарот Тасос Телоглу најпрво беа објавени на веб-страницата Еурактив. Според изданието, грчката агенција за безбедност на информации и комуникации АДАЕ извршила инспекција во телекомуникациска компанија на барање на Кирцос и Телоглу, кои сакале да утврдат дали биле следени од тајните служби. Се вели дека прегледот открил дека комуникациите на двајцата биле следени од разузнавачката заедница, без да се откријат причините за тоа со образложение дека се однесува на „националната безбедност“.

Изданието, исто така, цитира неименувани извори дека грчкиот државен обвинител Исидорос Дојакос се обидел да ја спречи инспекцијата тврдејќи дека е незаконска, но АДАЕ се повикала на своите уставни овластувања и ја извршила и покрај приговорот на обвинителот.

Кирцос рече дека поднел жалба „против оние што саделе „бубачки“ против мене. Се спротивставувам како грчки државјанин затоа што сметам дека се кршат моите уставни и демократски права“.

Јоргос Кирцос е поранешен директор на весникот „Елефтерос Типос“. Тој беше избран во Европскиот парламент на листата на Нова демократија во 2014 година и реизбран во 2019 година, но беше исклучен од партијата и нејзината група во февруари оваа година по серијата говори критички настроени кон владата на Кирјакос Мицотакис.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни