Балкан

ЕУ се закани дека ќе ги прекине преговорите за членство на Црна Гора

ЕУ се закани дека ќе ги прекине преговорите за членство на Црна Гора

На почетокот на следната година ЕУ може да размисли за прекин на преговарачкиот процес со Црна Гора доколку земјата не успее да создаде функционални институции, изјави министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, цитирана од црногорската агенција МИНА.

Таа на заедничката прес-конференција со нејзиниот австриски колега Александар Шаленберг вчера во Подгорица рече дека Црна Гора ризикува да ја загуби довербата во Европската унија. Фајон истакна дека двајцата дошле во главниот град на Црна Гора како посредници на ЕУ во име на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Ако Црна Гора не успее да создаде функционални институции, Брисел може да размисли за суспендирање на целиот процес на пристапување во ЕУ“, посочи Фајон.

Таа, исто така, рече дека доколку Црна Гора ја формира својата нова влада врз основа на изменетиот закон за претседателот, ЕУ ќе ја доведе во прашање нејзината соработка со оваа влада „создадена врз основа на контроверзен закон“. Фајон ја истакна и потребата од итно формирање на Уставен суд.

Очекуваме овој петок да започне постапката за именување судии и таа да биде завршена до крајот на јануари, рече Фајон.

Шефот на словенечката дипломатија истакна дека Црна Гора ја има целосната поддршка од ЕУ, дека постигнала најголем напредок во пристапните преговори, но последните настани во земјата предизвикаа институционална криза и одложување на преговорите со ЕУ.

На прашањето каков е исходот од ситуацијата, таа рече дека секоја одлука мора да се донесе со договор меѓу политичките партнери.

Шаленберг истакна дека Црна Гора постигнала најголем напредок во преговарачкиот процес и дека таа е пример за регионот.

„Сега работите изгледаат малку поинаку. Гледаме зголемена поларизација кај населението и политичкиот пејзаж. Гледаме виртуелен застој за многу клучни реформски прашања во оваа земја. Ова не е двонасочна посета од двајца пријатели. Тоа не е пријатно патување. Ова не е рекреативна посета. Ова е посета придружена со јасно предупредување, но и јасно охрабрување, како порака од Европската унија“, рече тој.

Црна Гора е во политичка криза од август, кога падна кабинетот на Дритан Абазовиќ откако тој потпиша договор со кој се уредуваат односите на државата со Српската православна црква

Беше формирано ново владејачко мнозинство, предводено од просрпскиот Демократски фронт, со поддршка на Абазовиќ, кој го предложи Миодраг Лекиќ, дипломат од времето на Слободан Милошевиќ, за кандидат за премиер, потсети Хина.

Претседателот Мило Ѓукановиќ одби да му даде мандат за формирање влада на Лекиќ со образложение дека не бил убеден дека парламентот ќе го поддржи.

Како одговор, владејачкото мнозинство донесе нов закон за овластувањата на претседателот, кој ги ограничува и го принудува Ѓукановиќ да го даде мандатот на кандидат кој има јасна поддршка од повеќето пратеници во парламентот.

Законот беше прогласен за неуставен од Венецијанската комисија и странските дипломати.

Кризата ја влоши нефункционалниот Уставен суд, бидејќи пратениците со месеци не можат да се договорат за избор на нови судии.

Приврзаниците на опозицијата секоја недела одржуваат масовни протести барајќи повлекување на законот за претседател и распишување предвремени парламентарни избори. Протестите се поддржани од претседателот Ѓукановиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни