Францускиот сериски убиец Шарл Сображ, познат по прекарот Змијата, утрово се врати во Франција, пренесе Франс прес.
Сображ (78) претходно беше протеран од непалските власти откако одлежа 20 години затвор за убиство на двајца северноамерикански туристи.
Човекот осомничен дека извршил дваесетина убиства во Азија во 1970-тите пристигнал на аеродромот Шарл де Гол во Париз со лет од Доха, изјави новинар на АФП кој патувал со него.
Службеник на аеродромот рече дека неговиот идентитет ќе биде проверен пред да може да го напушти аеродромот бидејќи не бил ниту баран ниту обвинет во Франција.
На убиецот му е потребна операција на срцето и беше ослободен според непалскиот закон со кој се дозволува ослободување на тешко болните затвореници кои веќе отслужиле три четвртини од казната.
Француски државјанин со виетнамско и индиско потекло, Сображ започнал да патува низ светот во раните 1970-ти и пристигнал во главниот град на Тајланд, Бангкок. Претставувајќи се како дилер на скапоцени камења, тој се спријателува со своите жртви, од кои многумина се западни хипи туристи, а потоа ги дрогира, ограбува и убива.
Прекарот на Сображ, Змијата, доаѓа од неговата способност да ја избегне полицијата.