Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакна дека ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Еве пред мене имам колку набавувал ТЕ ТО како компанија и по која цена набавувал БЕГ кога го грееше Скопје, конкретно се однесува на оваа 2022 година. Просечна цена по која што е набавувано е 1.569 евра за 1.000 метри кубни, а владата набавуваше и по 1.950 евра за 1.000 метри кубни. Од контактот кој што го обезбеди ВМРО-ДПМНЕ, владата доби понуда за фиксна цена за цела 2023 година од 850 евра за 1.000 метри кубни. Значи внимавајте од едната страна зборуваме за 850 евра, а друга страна зборува за 1.950 евра што кога ќе се помножи со количината е заштеда од стотици милиони евра. И оваа понуда не е прифатена од владата, ги играа луѓето, дојдете вторник, четврток дадете ваква понуда, дајте онаква понуда за да можат да си ги тераат личните бизниси. И еве сега слушаме шпекулации во јавноста дека има две бугарски а една турска фирма кои што ќе ангажираат за набавка на гас“ – изјави Николоски.
Од компанијата посочуваат дека со неа бил потпишан само првичен EФЕТдоговор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција.
Во својата реакција од ЕСМ велат дека фирмата што ја предложи Мицкоски за набавка на природен гас, никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи.
– Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка, се наведува во соопштението на ЕСМ.
Оттаму дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.
– Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер, велат оттаму.
Од АД ЕСМ велат дека сериозно забележуваат на обидите да се изнесуваат, како што велат, „извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле” и апелираат до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во „невистинити искази” при своите јавни настапи