Српскиот претседател нареди вооружените сили да бидат ставени во највисока готовност, а премиерката Ана Брнабиќ предупреди дека Белград и Приштина се „на работ на вооружен конфликт“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ нареди вооружените сили на земјата да бидат поставени на највисоко ниво на борбена готовност. Ова го соопшти министерот за одбрана Милош Вучевиќ. Во неделата, шефот на армијата, генерал Милан Мојсиловиќ, е испратен на границата со Косово поради „тешката ситуација“, пишува Дојче веле .
Тензиите во северно Косово не стивнуваат
Косово прогласи независност од Белград во 2008 година, но владата во Србија сè уште го смета за отцепена територија. Тоа го охрабрува српското малцинство во северно Косово во неговите обиди да се спротивстави на авторитетот на косовската влада во Приштина. Напорите за посредување од страна на Европската Унија не доведоа до опиплив резултат.
Тензиите во северните делови на Косово не стивнуваат со години, а неодамна имаше и нови ескалации. Таму живеат околу 50 илјади Срби. Тие не ги признаваат властите во Приштина, а патниот сообраќај со недели е отежнат поради блокадите. Меѓународната заедница е загрижена и за инцидентите со пукање од страна на полицијата и нападот со шок-бомби против претставниците на мисијата ЕУЛЕКС на Косово.
Српската премиерка Ана Брнабиќ предупреди дека мора да се спречи ескалација на ситуацијата. Двете земји се „навистина на работ на вооружен конфликт“, рече таа. Бурнабиќ ја обвини владата во Приштина за тензијата.
Неодамна, со помош на Европската унија, донекаде беше решен жестокиот спор околу регистерските таблички на автомобилите на кои им е дозволено да патуваат во двете земји.
И Србија и Косово бараат влез во ЕУ, но тоа се смета за невозможно доколку не се решат споровите.