Свет

Во Белгија рециклираат човечка коса за да ја заштитат животната средина

Во Белгија рециклираат човечка коса за да ја заштитат животната средина

Фризерите во Белгија собираат коса од своите клиенти и ја даваат на невладина организација, која пак ја рециклира и ја користи за заштита на животната средина, објави Ројтерс.

Проектот за рециклирање на коса собира прамени коса и ги внесува во машина која ги плете во плочки кои можат да се користат за апсорпција на масло или други јаглеводороди кои ја загадуваат животната средина. Косата може да се претвори и во биокомпозитни кеси.

Според еден од креаторите на проектот – Патрик Јансен, еден килограм човечка коса може да апсорбира околу 7-8 литри нафтени деривати. Плочките може да се стават во одводи за да го апсорбираат загадувањето пред да стигне до реките.

„Нашите производи се уште подобри и поради фактот што се произведуваат овде, не се увезуваат од другата страна на светот“, изјави тој за Ројтерс. „Тие се направени овде за да се решат локални проблеми.

Веб-страницата на проектот објаснува дека човечката коса има неверојатни својства. Едно влакно, на пример, може да издржи и носи 10 милиони пати повеќе од сопствената тежина. Косата може да апсорбира масти и јаглеводороди, се раствора во вода и е исклучително еластична, благодарение на кератинот што го содржи.

Изабел Вулкидис, менаџер на салон во Брисел, е меѓу десетиците фризерки во земјата кои плаќаат мал надомест на проектот за да ја соберат косата што ја шишаат. „Мислам дека е штета што фрламе коса во канта кога знаеме за колку работи може да се користи“, вели таа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни