Македонија

Од Нова година бесплатен превоз за кумановци

Од Нова година бесплатен превоз за кумановци

Од Нова година почнува бесплатниот линиски превоз за кумановци кој ќе трае до 30 јуни, идната година, соопштија денеска од општината.

– Ги известуваме граѓаните на Општина Куманово, дека согласно одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, број 09-10277/20 донесена на седница на Совет на Општина Куманово на 27 декември 2022 година, сите граѓани ќе можат бесплатно да користат општински линиски превоз од 01.01.2023 година заклучно со 30.06.2023 година, на сите линии согласно утврдените возни редови.

На страницата на општината е достапен и возниот ред до приградските и до руралните средини https://kumanovo.gov.mk/wp-content/uploads/2022/12/%D0%92%D0%BE%D0%B7%D0%BD%D0%B8-%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%B8.pdf.

Претходно, раководителката на секторот за комунални дејности Лидија Ланг Спасовска пред советниците појасни дека бесплатниот превоз ќе чини 30 милиони денари.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски по седницата кажа Советот на општината го прифатил неговиот предлог и едногласно донел одлука за субвенционирање на јавен линиски превоз во наредните шест месеци со тенденција да продолжи и во иднина.

– Со одлуката граѓаните во наредниот период ќе можат бесплатно да го користат јавниот линиски превоз за своите потреби. Во време на економско-енергетска криза граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето. Ќе се стремиме да се унапреди нивото на услуга во јавниот линиски превоз во Куманово и да стимулираме што е можно повеќе граѓани да користат јавен превоз за сопствените потреби, потенцира Димитриевски.

Дел од кумановци реагираат за одлуката, укажувајќи дека е потребно претпријатие за вршење на дејноста или пак подобрување на услугите, пред сè повеќе поаѓања од едно стартно место. Сепак, на анкетата извршена на примерок на нешто повеќе од 1000 кумановци, најголем процент се изјаснија дека сакаат бесплатен превоз.

Превозот ќе вршат превозниците кои инаку и го спроведуваат превозот во градот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни