Дали поранешниот премиер Зоран Заев преку внатрешни превирања во СДСМ ќе обезбеди пратеници од владејачкото мнозинство што би гласале за распуштање на парламентот на почетокот на иданата година?
Оваа дилема ја отвора порталот Плусинфо кој тврди дека екс премиерот преку негови блиски во партијата се обидува да обезбеди нов владејачки мандатат на СДСМ, овој пат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, но без ДУИ, и покрај лошите рејтинзи на анкетите.
„На 21 декември, во седиштето на СДСМ на Бихаќка, се одржал состанок на најтесното партиско раководство, на кој Заев добил шанса пред своите сопартијци да ги изложи своите ставови за сегашната состојба во партијата и во земјата“, велат од порталот.
Планот на екс-лидерот опфаќал 7 точки, меѓу кои најважни се: Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите. Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Во расправата подоцна, Филипче се согласил со можноста и ДУИ да влезе во Владата, но Заев останал на своето. Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ.
Во текстот се вели и дека Заев ги уверувал присутните на состанокот на 21 декември дека неговиот план е усогласен со барањата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и дека го држи опозицискиот лидер Христијан Мицкоски в рака.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, потврди дека има пратеници од СДСМ што би застанале зад неговото барање за предвремемни избори во мај, но сепак не се видел со Заев.