Ладнокрвно, со пуштена песна која го величи Радован Караџиќ, во своето возило, полно со оружје, 29 годишниот Брентон Тарант свртел неколку круга пред да го изврши масакрот. Сето тоа го снимал и го пуштил на социјалните мрежи. Се паркирал во близина на влезот од џамијата, ги земал пушките и почнал да пука во верниците кои ја извршувале петочната молитва. Според полициските извештаи, убил 49 лица, а десетици повредил.
„Видов пиштол на подот. Полицијата застана тука. Имаше многу убиени, повредени. Имаше околу 145 лица. Јас застанав, по позадина се слушна истрел. Кога го слушнав вториот почнав да бегам. Имеше многу луѓе кои седеа на подот. Истрелот дојде од зад вратата. Истрчав зад џамијата. Седнав зад контејнерот и се јавив на полицијата“, изјави очевидец.
Тарант бил екстремен десничар, расист, со радикална анти имигрантска идеологоија. По терористичкиот акт, се обиде да избега со својот автомобил, но полицијата успеала да го совлада. Уште утре ќе биде изведен пред суд.
Официјалните бројки на убиени и повредени ги соопшти началникот на полицијата.
„Во џамијата Декс Авенија (Ал Нур Џамија) сега знаеме дека 41 лице ги загубило животите, а во Линвудската џамија седуммина. Од 40-те лица кои биле лекувани во болницата во Крајсчрч, едно е починато. Така, вкупниот број на луѓе кои починаа во на овој ужасен настан се 49“, изјави Мајк Буш – началник на полицијата.
Премиерката на Нов Зеланд вели дека четири лица биле приведени како осомничени за терористичкиот напад. Во нивните возила бил пронајден и експлозив. Се верува дека сето ова е поврзано и добро испланирано.
„Јасно е дека ова сега може да се опише само како терористички напад. Од она што го знаеме, се чини дека е добро планирано. Две експлозивни направи се пронајдени во возилата на осомничените кои сега се разоружани. Моментално четворица поединци кои биле уапсени, но тројца се поврзани со овој напад кои се во притвор. Еден од нив од јавно изјавил дека се родени во Австралија. Ова се луѓе за кои би рекле дека имаат екстремистички ставови кои немаат апсолутно никакво место во Нов Зеланд, и всушност немаат место во светот“, изјави Џесинда Ардерн – премиерка на Нов Зеланд.
Пораки со сочувство пристигнаа од сите држави во светот. Но, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на кого извршителот на терористичкиот акт Брентон Тарант му се заканувал преку социјалните мрежи, предупреди на нов терористички напад во Нов Зеланд, доколку како што вели, западните земји не преземат ригорозни мерки. Ги повика сите светски сили, да преземат итни мерки против тероризмот, кој според него го загрозува целото човештво. По петочната молитва, во турскиот град Дијарбакир се одржа протест. Стотици верници излегоа на улиците во знак на револт и осуда на она што се случи во Нов Зеланд. Протести имаше и во неколку други земји со мнозинско муслиманско население. Тие ги обвинуваат западните земји дека не прават ништо да ги заштитат муслиманите. Порачаа дека ова е чист терористички акт, а не дело на човек кој има некакви ментални проблеми.