Возило експлодирало на булевар „Кочо Рацин“ вечерва во 20 часот и 05 минути, во близина на скопската гимназија „Корчагин“.
Во моментите кога возилото се запалило во непосредна близина се движела министерката за одбрана Славјанка Петровска. Во изјава за „А1он“ Петровска потврдила дека го забележала настанот, но таа негира дека била загрозена нејзината безбедност.
„Се е океј, чиста случајност. Јас одев пешки од спротивната страна на булеварот и во тој момент експлодираше возилото. Нема никаква врска со мене и колку што знам нема повредени, возачот на возилото е добар“, истакнала Петровска за “А1он”.

Увидната екипа на МВР излегла на местото на настанот и констатирала дека возилото управувано од двесетиедногодишниот Т.С. се запалило додека тој управувал со него. Од под хаубата почнало да излегува чад, а потоа за кратко време возилото целосно изгорело, се вели во извештајот на полициските службеници.