Германската полиција вчера вечерта ја ослободи шведската климатска активистка Грета Тунберг.
„Тунберг беше приведена само кратко време. Полицијата го забрза процесот на идентификација. Откако беше утврден нејзиниот идентитет, таа можеше да замине. Но, таа чекаше да бидат ослободени другите демонстранти“, вели Макс Вилмс, портпарол на Ахен.
Полицијата отстрани стотици активисти од Луцерат во рок од една недела. Некои се на тоа место повеќе од две години. Всушност, во 2022 година германската влада постигна договор со енергетската компанија РВЕ, која го поседува рудникот, дозволувајќи и да го прошири до Луцерат во замена за прекин на употребата на јаглен до 2030 година, наместо до 2038 година.
Проширување на рудникот
По завршувањето на иселувањето, RWE планира да изгради ограда долга 1,5 километар околу населбата, која ќе го спречи пристапот до станбените згради, улиците и канализацијата пред да бидат урнати.
Тунберг во петокот на Твитер напиша дека е во Луцерат за да протестира против проширувањето. Во саботата таа им се придружи на илјадниците луѓе кои протестираа против уништувањето на селото. Обраќајќи им се на активистите на протестот, Тунберг рече: „Јагленот се уште е во земјата. И додека јагленот е во земјата, оваа борба не е завршена“.
„Заштитата на климата не е кривично дело“
Грета се врати на протестот во неделата, кога прво беше приведена, а потоа повторно во вторник. Таа на Твитер објави дека „заштитата на климата не е кривично дело“.
„Вчера бев дел од група која мирно протестираше против проширувањето на рудниците за јаглен во Германија. Полицијата не опколи, а потоа не приведе, но бевме ослободени подоцна истата вечер“, напиша Тунберг на Твитер. „Заштитата на климата не е кривично дело“, додаде таа.
Климатскиот активист го опиша проширувањето на рудникот како предавство на сегашните и идните генерации и ја обвини Германија дека е еден од најголемите загадувачи во светот. Протестот ги истакна растечките тензии околу климатската политика на Берлин. Екологистите тврдат дека климатските цели се занемарени со враќањето на повалканите горива во услови на енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина.