Свет

Зеленски вети мерки против корупцијата

Зеленски вети мерки против корупцијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети решителна акција против злоупотребите во државниот апарат по корупцискиот скандал во Киев, јави ДПА.

„Општеството ќе добие целосни информации, а државата ќе ги преземе неопходните силни чекори“, рече Зеленски во своето секојдневно видео обраќање во неделата.

Тој најави и дека во меѓувреме е ослободен и заменик министерот за општински развој, територија и инфраструктура Васил Лосински, кој претходно минатата недела беше приведен од Националното биро за борба против корупцијата.

Според извештаите на медиумите, Лосински е обвинет за земање мито од 400.000 долари за купување генератори во услови на немилосрдни руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина.

Украинскиот претседател се осврна и на извештаите за купување прехранбени производи за војниците по надуени цени, што наводно ги збогатило владините претставници.

Според официјалните информации, украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ќе се обрати во парламентот за ова прашање.

Зеленски рече дека веќе се подготвени „соодветни решенија“. „Не сакам да ги објавувам сега, но сите ќе бидат фер“, рече тој.

Украинскиот претседател додаде дека „нема да има враќање на она што беше во минатото“ и им се заблагодари на новинарите кои „ги истражуваат сите факти и ја составуваат целосната слика“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни