Темелна промена на функционирањето на државните институции, воспоставување владеење на правото и одговорност за сите за кои ќе бидат утврдени докази за незаконско работење – ова се дел од приоритетите што ги најавува Студентската листа по победата на предвремените парламентарни избори во Србија.
По прегласувањето на повеќе од 50 избирачки места во неделата, се очекува Републичката изборна комисија официјално да ги потврди конечните резултати, по што ќе започне процесот на формирање нова влада.
Првиот кандидат на Студентската листа, проф. д-р Илија Срдановиќ, во интервју за Nova.rs најави дека првите активности на новата влада ќе бидат насочени кон воспоставување владеење на правото и преземање на клучните механизми во извршната власт.
„Првите чекори на новата Влада ќе бидат поврзани со владеењето на правото и преземањето на најважните механизми за управување во извршната власт, што ќе обезбеди еднаквост за сите“, изјави Срдановиќ.
Тој посочи дека сè уште е рано да се откриваат имињата на идниот премиер и министрите, бидејќи кадровските решенија ќе бидат утврдени по официјалното завршување на изборниот процес.
Најавува постапки за сите за кои ќе има докази
Срдановиќ нагласи дека евентуалните апсења и кривични постапки ќе мора да се спроведуваат исклучиво врз основа на докази и во согласност со законите. Според него, одговорност ќе има за сите за кои обвинителството ќе утврди основа за постапување, без разлика дали станува збор за политичари, бизнисмени или вработени во јавниот сектор.
„Сите апсења што ќе следат ќе бидат во согласност со законот, каде што има докази за кривични дела, со кои ќе се занимава обвинителството“, порача кандидатот за премиер.
Како пример го посочи случајот со лицето кое го опиша како „неоспорен владетел“ и сопственик на гимназијата „Јовина“, наведувајќи дека тоа лице се наоѓа во притвор поради наводна злоупотреба на законот и непочитување на судски одлуки.
Предупредува за можно уништување документи
Една од темите на интервјуто беа и тврдењата дека во одредени јавни институции се уништува документација со цел прикривање можни злоупотреби.
Срдановиќ предупреди дека секој што ќе уништува или прикрива докази може да се соочи со кривична одговорност. Тој посочи дека уништувањето на хартиените документи не значи дека ќе исчезнат и електронските траги.
„Само палењето хартија не е доволно за да се сокријат сите траги што постојат. Постои и нешто во она што се нарекува електронска форма, а процедурите за ИТ форензика лесно можат да пристапат до информациите што се обиделе да ги сокријат“, изјави Срдановиќ.
Тој ги повика вработените во институциите кои совесно си ја вршат работата да спречат вакви појави или да ги пријават кај надлежните органи.
Обвинувања за финансирање медиуми со јавни пари
Срдановиќ се осврна и на обвинувањата што ги изнесе неговиот колега Немања Каровиќ, според кои „Телеком Србија“ на Информер му исплаќал меѓу 500.000 и 700.000 евра месечно, како и на тврдењата за обид за повлекување една милијарда динари од Поштанска штедионица.
Кандидатот на Студентската листа рече дека целосно стојат зад изнесените тврдења и порача дека таквите практики нема да бидат дозволени доколку ја преземат власта.
„Трошењето буџетски средства, буџетски пари, за ваков вид редакции е недозволиво и нема да биде дозволено во иднина“, изјави Срдановиќ.
Истовремено, тој нагласи дека слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика мора да бидат загарантирани. Според него, ниту една институција или политичка структура не смее да се меша во уредувачките одлуки, а слободата на информирање мора да остане загарантирано човеково право.