Турските медиуми јавуваат дека три чуда се случиле во 198. час, односно деветтиот ден по земјотресот.
Тројца млади момчиња поминале девет дена под урнатините и биле извлечени живи. Станува збор за 17-годишниот Мухамед Енес и неговиот постар брат, кои беа спасени во градот Кахраманмараш и 18-годишниот Мухамед Чафер Четин, кој беше спасен во градот Адијаман.
Сите се пренесени во болница и засега нема нови информации за нивната состојба.
Поради последиците од разорните земјотреси што пред една недела ја погодија турско-сириската граница, 1,2 милиони луѓе останаа без покрив над главата во југоисточниот дел на Турција, соопшти во понеделникот кабинетот на турскиот претседател.
Во меѓувреме, околу 176.000 шатори се подигнати во најтешко погодените провинции во Турција. Агенцијата за катастрофи АФАД објави дека нивните работници поставиле илјадници контејнери за домување.
Речиси 400.000 луѓе досега се евакуирани од подрачјата погодени од земјотресот, покажуваат податоците на претседателскиот кабинет.
Вкупниот број на потврдени смртни случаи досега е повеќе од 37.500, а повеќе од 80.000 луѓе се повредени.
Само во Турција, бројот на загинати се искачи на 31.643, јавува Анадолија повикувајќи се на АФАД.
Според Светската здравствена организација (СЗО), најмалку 5.900 луѓе починале во соседна Сирија.