Македонија

ДЗР: Само 9 од 62 локомотиви во функција, сериозни слабости во „Железници транспорт“

ДЗР: Само 9 од 62 локомотиви во функција, сериозни слабости во „Железници транспорт“
ФОТО: 4NEWS.mk

Само девет од вкупно 62 локомотиви на „Железници на Република Северна Македонија транспорт“ биле во функција, а од 47 патнички вагони само два биле во редовен сообраќај. Ова го наведува Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за работењето на друштвото за 2024 година, во кој е дадено неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законската регулатива.

Извештајот, датиран на 31 август 2026 година, покажува сериозни проблеми со возниот парк, долгогодишни загуби, неправилности во сметководствената евиденција и недоволна контрола врз дел од трошоците.

Според состојбата опишана во ревизијата, од 1.382 товарни вагони, само 378 имале важечка периодична ревизија и биле способни за сообраќај. Преостанатите 1.004 биле надвор од сообраќај поради истечениот рок за ревизија. Од 16 патнички гарнитури, во функција биле пет.

Ревизорите наведуваат дека дизел-локомотивите од серијата 661 се со просечна старост поголема од 60 години, додека електричните локомотиви се во просек постари од 35 години. Како причини за состојбата се посочуваат староста на возниот парк, недоволните финансиски средства и ненавремените инвестиции во поправки и обновување.

Друштвото за 2024 година искажало загуба од 331,8 милиони денари. ДЗР предупредува дека континуираното акумулирање загуби го ограничува развојот и негативно се одразува врз можноста за ефикасно, безбедно и навремено одвивање на железничкиот сообраќај.

Меѓу најзначајните сметководствени наоди е неосновано признаен гудвил од 7,32 милијарди денари, евидентиран уште во 2008 година. Станува збор за сметководствена ставка во нематеријалните средства, за која ревизорите оценуваат дека влијае врз реалноста и објективноста на прикажаниот имот.

Дополнително, не биле направени резервирања за правосилно завршени судски постапки во износ од околу 261 милион денари. Според ДЗР, тоа влијае врз реалното прикажување на обврските, трошоците и финансискиот резултат.

Ревизијата утврдила и неусогласеност меѓу сметководствената и материјалната евиденција, незапишано право на сопственост врз дел од објектите, слабости во управувањето со залихите и нецелосно спроведен попис.

Посебно е издвоена потрошувачката на вода. На еден водомер во 2024 година биле регистрирани 77.048 кубни метри вода, со трошок од 5,3 милиони денари. Ревизорите констатирале дека не бил воспоставен систем за навремено следење и контрола на потрошувачката.

Во извештајот се наведува дека биле откриени седум дефекти на водоводната мрежа, а во септември 2025 година бил склучен договор за нивна санација. Сепак, во јануари 2026 година, „Водовод и канализација“ го известил друштвото за непрекинато истекување вода во траење од 48 часа.

Слабости се утврдени и кај евиденцијата на дизел-горивото, користењето службени возила, пресметката и исплатата на плати и надоместоци. ДЗР посочува исплати на надоместок за километар и на лица кои не ги исполнувале условите од колективниот договор, како и ангажирање лица со договор на дело над дозволениот праг без претходна согласност за финансиски средства од Министерството за финансии.

Ревизорите утврдиле и вршење услуги без важечки договорни односи, фактурирање по цени различни од утврдените во тарифникот и евидентирање обврски за адвокатски услуги без документација што ги потврдува преземените активности.

Раководството доставило забелешки на нацрт-извештајот. Според ДЗР, најголем дел содржеле објаснувања за причините за состојбите и информации за преземени или планирани мерки. Една забелешка била прифатена, а една делумно прифатена врз основа на дополнителни докази, по што соодветните наоди биле приспособени.

ДЗР дал препораки за подобрување на финансиската евиденција, контролите и управувањето. Ревизијата се однесува на финансиските извештаи за 2024 година, а била спроведена од март до јуни 2026 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни