Полициски службеници од штипската полиција од утрово вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, во врска со сомнежи за манипулации со испити и студентски евиденции на Универзитетот „Гоце Делчев“, објави „Прес24“, повикувајќи се на неофицијални информации.
Според порталот, сомнежите се однесуваат на лице кое било вработено како раководител на ИТ-секторот на Универзитетот. Наводно, лицето во подолг период, за паричен надомест, интервенирало во евиденциите преку внесување бодови од испити, бришење оценки и запишување семестри без исполнети услови.
„Прес24“ наведува и дека при претрес во домот на лицето била пронајдена поголема сума пари. Во објавените информации не е прецизиран износот.
Порталот нагласува дека во моментот на објавувањето немал официјална потврда од Министерството за внатрешни работи. Засега остануваат непотврдени деталите за наводните злоупотреби, бројот на опфатени студенти и евентуалното приведување на лица.