Српскиот претседател Александар Вучиќ учествува на 59. Минхенска безбедносна конференција. Тој во текот на денешниот ден оствари низа билатерални средби со светски претставници, меѓу кои британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, пишува Телеграф.
Српскиот лидер имаше средби и со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот државен секретар Антони Блинкен. По средбата тој се обрати до медиумите и рече дека средбите биле добри и многу важни.
„Клучната тема во речиси сите разговори беше разговорот со Приштина“, рече Вучиќ, додавајќи дека смета дека добро ги застапува интересите на Србија. Новинарите го прашаа за „добрите вести“ што најави дека ќе ги објави наскоро.
Тој одговори дека поседуваат нота со која друга земја го повлекува признавањето на Косово, но посочи дека не може да каже за која земја се работи бидејќи договорот треба да чека десет дена за официјалното објавување.