Шефот на ОН, Антонио Гутереш денеска е во Украина каде ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски. Ова е негово трето патување во земјата откако Русија изврши инвазија пред една година. Генералниот секретар вчераутро пристигна во Полска, од каде продолжи за Украина.
Главна тема на денешните разговори ќе биде обновувањето на меѓународниот договор за извоз на украинско жито од минатото лето. Договорот меѓу Обединетите нации, Украина, Русија и Турција, потпишан на 22 јули и се обновува на секои четири месеци, има за цел да извезува жито блокирано од борбите од украинските пристаништа и да помогне во олеснување на глобалната криза со храна предизвикана од војната.
Во меѓувреме, канадскиот премиер Џастин Трудо ја увери претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека Канада стои рамо до рамо со Европската унија во поддршка на Украина.
„Денес можам да објавам дека ја продолжуваме нашата инженерска обука во рамките на операцијата УНИФИЕР барем до есен и испраќаме медицински инструктори од канадската армија да им помогнат на украинските сили да стекнат борбени медицински вештини. Исто така, инвестираме 3 милиони долари во деминирање во Украина и работиме со ЕУ за снабдување со енергетска опрема за Украина“, објави Трудо.
Министрите за одбрана на 27-те земји од Европската унија се состануваат денеска во Стокхолм за да разговараат за натамошно снабдување со муниција за Украина.