Ако Украина добие оружје со долг дострел од западните земји, нема да го користи за напад на руска територија, изјави претседателот Володимир Зеленски за Си-Ен-Ен. Тој истакна дека Киев „не е заинтересиран за руска земја“, но појасни дека ја смета целата територија во границите од 1991 година за украинска.
„Немаме оружје да одговориме на гранатирањето од другата страна на Днепар. Затоа ја нагласувам потребата од оружје со долг дострел. “, рече Зеленски.
Според него, дипломатско решение на конфликтот е можно само доколку руската војска ја напушти украинската територија. „Потоа, ние и нашите партнери ќе го најдеме соодветниот формат“, додаде Зеленски. Тој, исто така, повторно одби да преговара со Владимир Путин, објаснувајќи дека не му верува.
Веќе во јуни 2022 година, Зеленски изјави дека Украина не планира да нападне руска територија. Неговиот советник Михаило Подолиак исто така рече дека Киев нема намера да користи американски ракетни фрлачи за салво оган против Русија. Сепак, Латвија смета дека на Украина треба да и се дозволи да ги нападне руските воени локации. Руското Министерство за надворешни работи се закани дека Русија ќе преземе соодветни мерки доколку на Украина и бидат испорачани проектили со долг дострел.