Свет

Кина симулираше напад на Тајван на вториот ден од воените вежби околу островот

Кина симулираше напад на Тајван на вториот ден од воените вежби околу островот

Кинеските вооружени сили денеска симулираа прецизни напади врз Тајван во вториот ден од воените вежби околу островот, а тајванското министерство за одбрана извести за бројни летови на кинеската авијација, како и за следење на кинеските ракетни сили, објави Ројтерс.

Кина, која инсистира дека Тајван со демократски владеење е нејзина територија, вчера почна тридневни воени вежби околу островот, еден ден откако тајванскиот претседател Цаи Инг-вен се врати од кратката посета на САД.

Кинеската државна телевизија објави дека патролите и вежбите за инспекција на борбена готовност околу Тајван продолжуваат.

„Под обединета команда на Здружениот оперативен команден центар, повеќе типови единици извршија симулирани заеднички прецизни напади врз клучни цели на островот Тајван и во околните морски области и продолжуваат да одржуваат офанзивна позиција околу островот“, се вели во соопштението.

Тајвански безбедносен извор изјави за Ројтерс дека вчерашните кинески вежби околу теснецот Баши, кој го дели Тајван од Филипините, вклучиле симулирани напади врз борбени групи на носачи на авиони, како и вежби за војување против подморници.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека до денес напладне по локално време следело 58 кинески авиони, вклучувајќи борбени авиони Су-30 и бомбардери Х-6, како и девет бродови во околината на Тајван. Агенцијата додава дека особено внимание посветува на ракетните сили на Народноослободителната армија, кои се одговорни за копнените ракетни системи на Кина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни