Македонија

Во Битола одбележана годишнината од смртта на Гоце Делчев

Во Битола одбележана годишнината од смртта на Гоце Делчев

Делегација на Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, придружуван од претставници на Советот на општината, како и претставници на политичките партии, Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“, основното училиште „Гоце Делчев“ и други граѓани, со полагање цвеќе пред Спомен куќата на великанот на македонската национална борба Гоце Делчев, ја одбележаа годишнината од неговата смрт.

Денешниот ден е потсетување и оддавање почит на големото дело и заложба на столбот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

-Денешниот ден е оддавање почит кон македонскиот национален херој, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водич, високо свесен, пред своето време, вистински алтруист, космополит кој го разбирал светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Одбележувајќи 120 години од смртта на Гоце Делчев, истовремено одбележуваме и 120 години од големото наследство кое ни го остави оваа импозантна личност, која со гордост и пиетет ја славиме. Неговиот лик и дело не потсетуваат и ни помагаат да се издигнеме од сите премрежја и предизвици и да останеме достојни за неговата идеја и жртва, а како негови горди потомци, да продолжиме да ја чуваме и негуваме искрата на национална одржливост, посочи Коњановски.

Одбележувањето на 120 годишнината од смртта на Гоце Делчев, во Битола, продолжува вечер со културно уметничката програма „Баница 1903 – Стратегот на македонскиот универзум“ од Зоран Пејковски и проекција на документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков, кои ќе се одржат во битолскиот Офицерски дом.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни