Македонија

Петровска им честиташе на припадниците на Армијата за успешната вежба: Со гордост велам дека македонската Армија е НАТО Армија

Петровска им честиташе на припадниците на Армијата за успешната вежба: Со гордост велам дека македонската Армија е НАТО Армија

„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се пред сè за граѓаните, дека нашата земја е подеднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на „Криволак“ во своето обраќање на Денот за високи гости кој е дел од вежбата „Брз одговор 23“.

Министерката Петровска истакна дека силата е во различностите и дека секој успех е заеднички, и на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме, и додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.

„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, заклучи Петровска.

Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честиташе за покажаната професионалност, посветеност и заедништвото кое го покажаа изминатите денови.

На Денот за високи гости, припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и Косово изведоа вежба насловена „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.

Во рамки на вежбовната активност, употребено беше роботизираното софистицирано возило т.н. “Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат во вежбовни услови тестираше испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни