TRANSFERMARKT ги објави новите вредности на играчите кои се натпреваруваат во првенството на Саудиска Арабија. Двајцата најскапи играчи во лигата се Талиска и Кристијано Роналдо по 15 милиони евра, но тоа наскоро ќе се промени кога во лигата ќе заигра и Карим Бензема.
Талиска постигна 20 гола на 23 натпревари за Ал-Наср и ја подигна неговата вредност, додека вредноста на неговиот соиграч и најголемата ѕвезда на тимот, Кристијано Роландо, падна за пет милиони евра на 15. Ако ги погледнете само играчите над 34 години, Роналдо е на петтото место. Прв е Лионел Меси (45 милиони евра), а шести Иван Перишиќ (10), кој е проценет на иста вредност како и седмиот Лука Модриќ.
Роналдо оваа сезона на 16 првенствени натпревари постигна 14 гола и двапати асистираше. Падот на вредноста се објаснува со неговата возраст (38) и настапите во лига со помалку барања. Бензема е проценет на 35 милиони евра.