Шест лица, меѓу кои пет мексикански државјани, загинаа денеска при пад на хеликоптер во Непал.
Службеникот на аеродромот во Катманду, Текнат Ситула, изјави за Ројтерс дека спасувачите пронашле пет тела и трагаат по шестото. Непалските власти претходно соопштија дека хеликоптерот со шест лица исчезнал од радарот во Непал.
Пилотот на хеликоптерот бил од Непал, а другите се мексикански државјани, изјави претставник на аеродромот во Катманду за Ројтерс.
АП јавува дека хеликоптерот со странски туристи исчезнал во областа Монт Еверест и дека е изгубен контактот со леталото.
Хеликоптерот утрово се враќал во главниот град Катманду откако пет туристи го посетиле највисокиот планински врв во светот.
Туристичката и планинарската сезона во таа област заврши во мај, кога почна сезоната на дождови, а туристичките летови кон планините се поретки во овој период од годината бидејќи видливоста е слаба, а временските услови се непредвидливи.
Хеликоптерот превезувал пет туристи кога исчезнал од радарот во вторникот во 10:12 часот по локално време, соопштија официјални лица.