23-годишната Бразилка почина во болница во Сао Паоло, два дена откако беше убиена во судир меѓу навивачите на Палмеирас и Фламенго.
Во пресрет на неделното бразилско дерби меѓу Палмеирас и Фламенго, имаше големи навивачки судири, а 23-годишната Габриела Анели беше тешко повредена додека чекаше да влезе на стадионот „Алијанц Парке“.
Во толпата таа се здобила со расекотина на вратот кога ја удрило стаклено шише. Младата девојка во тешка состојба била пренесена во здравствениот дом, но два дена подоцна починала.
„Благодарам на сите што се молеа за мојата сестра, но таа отиде кај нејзиниот татко во рајот“, напиша нејзиниот брат Фелипе Анели на Инстаграм.
Во судирите пред стадионот, полицијата била нападната и употребила солзавец за да воспостави ред. Солзавецот се прошири на теренот, па судијата мораше во два наврати да ја прекине играта во првото полувреме бидејќи играчите почувствуваа иритација во очите и носот. Натпреварот на крајот заврши 1-1.
„Не можеме да прифатиме дека 23-годишна девојка е жртва на варварство во средина која треба да биде забавна. Ја изразуваме нашата солидарност со семејството на девојчето и бараме брза истрага за ова злосторство“, објави Палмеирас на социјалните мрежи.
Се огласи и Фламенго.
„Во настан кој требаше да биде чисто спортски, една млада жена го загуби животот на неоправдан начин што заслужува строга казна“, објави Фламенго на Твитер.
Претседателот на Бразилската фудбалска асоцијација, Едналдо Родригес, најави дека сите натпревари од 15. коло на бразилското првенство ќе започнат со едноминутно молчење во чест на маченичката девојка.
Тој додаде дека Здружението ќе соработува со федералната влада и другите релевантни тела во борбата против насилството на навивачите.
„Фудбалот е страст, а не простор за криминалци кои се инфилтрираат во навивачите да практикуваат секакви видови насилство“, рече тој во изјавата.
Претставник на Одделот за стратешки полициски операции изјави дека лицето одговорно за фрлањето на шишето е уапсено и ќе одговара за убиство.