Свет

Медиумите собраа речиси 2 милиони евра за настраданите од поплавите во Словенија

Медиумите собраа речиси 2 милиони евра за настраданите од поплавите во Словенија

Радио станиците во Словенија ги здружија силите во кампањата за помош на настраданите од разорните поплави во земјата и собраа речиси два милиони евра, јави радио „Едно“, цитирано од словенечката агенција СТА.

Кампањата наречена „Едно срце, една Словенија“ собра вкупно 1.914.746 евра. Покрај радио „Едно“, во кампањата се вклучија уште седум радио станици.

Маратонската акција за собирање средства вчера се одржа од 6 до 18 часот, а гостите беа од музичари до психолози и претставници на цивилната одбрана. И жртвите од поплавите ги споделија своите приказни.

За време на маратонската радио програма започна и хуманитарната аукција за дресот на кошаркарската ѕвезда Лука Дончиќ, со потпис на целата словенечка кошаркарска репрезентација, па се очекува конечната сума да расте, објави синоќа порталот 24ур.

Поплавите, предизвикани од обилните дождови кои започнаа на 4 август, словенечкиот премиер Роберт Голоб ги опиша како најголема природна катастрофа во последните 30 години. Тој рече дека штетата е во милијарди евра. Две третини од земјата се уништени, а многу луѓе останаа без домови. Се верува дека вкупно шест лица ги загубиле животите поради невремето и поплавите во земјата во последните денови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни