Властите на неколку десетици градови во областа Харков, во североисточна Украина, во четвртокот наредија евакуација на жителите поради напредувањето на руската армија, која е во офанзива и тврди дека ги „консолидира своите позиции“.
Руската армија беше избркана од Купјанск и околината, која ја окупираше на почетокот на инвазијата, со молскавичен контранапад на украинските бранители во септември 2022 година. Пред неколку недели, таа тргна во офанзива во областа, редовно тврдејќи дека освојува територија.
Украинската армија во четвртокот призна дека ситуацијата во тој сектор е тешка. „Ситуацијата останува тешка, но е под контрола“, напиша Серхи Черевати, воен портпарол на источниот фронт, на Телеграма, усвојувајќи ја вообичаената формулација што ја користи Киев кога неговиот противник напредува. „Русите се обидуваат да се наметнат и да ја пробијат нашата одбрана“, додаде тој.
По руското напредување, локалните власти наредија евакуација на 37 места во областа Купјанска, важен центар за комуникација. Тоа се главно села во близина на линијата на фронтот, на левиот брег на реката Оскила.
Администрацијата на Купјанск, град кој пред војната имаше околу 25.000 жители, во текот на утрото им препорача на жителите да се евакуираат во правец на Харков, главниот град на истоимениот регион, поради „тешката безбедносна ситуација и повеќе интензивно бомбардирање“.
Според картите кои можеа да се видат за време на дневното обраќање на руското Министерство за одбрана, силите на Москва се на неколку километри од Купјанск. Во понеделникот, руската армија соопшти дека напреднала три километри кон градот за три дена.
Во исто време, војната со беспилотни летала продолжува и територијата под руска контрола се повеќе е цел на украински напади.
Москва во четвртокот рано наутро соопшти дека соборила 13 украински беспилотни летала, од кои 11 во близина на анектираниот полуостров Крим и две кои се движеле кон Москва.
На економски план, Киев објави дека во текот на ноќта отворил „привремени“ коридори на Црното Море за да овозможи движење на бродови со жито, и покрај руските закани дека тие би можеле да бидат цел на нејзината војска.
Во моментов не е јасно дали бродовите го напуштиле украинскиот брег, бидејќи од јули на Црното Море се случуваат воени сцени.