Четворица француски туристи, меѓу кои и шестгодишно дете, се исчезнати во џунглата во северна Гватемала , во близина на границата со Мексико и Белизе , соопштија денеска властите на оваа централноамериканска земја.
Туристите, членови на истото семејство, последен пат биле видени во средата во националниот парк Тикал во регионот Петен. Станува збор за две жени на возраст од 40 и 68 години , 41-годишен маж и 6-годишно момче .
Паркот Тикал е главниот археолошки локалитет на цивилизацијата на Маите во Гватемала и е оддалечен околу 500 километри од главниот град. Има импозантни пирамиди и храмови и е прогласен за светско наследство на УНЕСКО од 1979 година. Сепак, тој се наоѓа во изолирана област каде што дејствуваат бандите за шверц на дрога. На почетокот на јануари 2022 година, германски турист беше пронајден мртов во истиот парк, два дена откако исчезна во областа. 53-годишниот маж се одвоил од групата со која го посетувал паркот за да истражи некои други патеки на археолошкиот локалитет. Во 2001 година многу туристи, американски и европски, беа нападнати од вооружени маскирани лица кои убиле ренџер кога тој се обидел да ги одбрани.
Гватемала, земја со 18 милиони жители, со децении е измачувана од организиран криминал, корупција и сиромаштија. Тоа е еден од најнасилните региони на американскиот континент, каде што минатата година според податоците на ОН имало 17,3 убиства на 100.000 жители. Најмалку половина од овие убиства им се припишуваат на банди („марас“) и на трговци со дрога.