ПОРАДИ поплавите што го погодија регионот Приморје на далечниот исток на Русија, евакуирани се повеќе од 2.000 луѓе, меѓу кои 405 деца, соопшти денеска руското Министерство за вонредни ситуации на својот канал Телеграм.
– Повеќе од 2.000 луѓе, меѓу кои 405 деца, се евакуирани во Приморје. Вкупно 28 населени места се изолирани поради водата. Отворени се 13 привремени засолништа во кои се сместени 550 лица, меѓу кои и над 160 деца. Екипите електричари ќе почнат да го враќаат напојувањето откако ќе се повлече водата од трафостаниците – се наведува во билтенот на министерството, пренесува ТАСС.
Се уште се поплавени 4.368 куќи, 5.654 дворови и 43 делници од автопатиштата во 16 општини, а во спасувачките активности учествуваат повеќе од 650 лица и 205 возила.
Според податоците на крајбрежната хидрометеоролошка служба, водата ќе продолжи да расте најмалку до 17 август.