Две фракции се борат за власт откако долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи беше соборен во 2011 година.
За време на престрелките меѓу две водечки вооружени групи во либиската престолнина Триполи, загинаа 27 лица, а 106 се повредени, изјави за АФП Центарот за итна медицинска помош.
Центарот, кој обезбедува итни служби во западниот дел на Триполи, објави информации на својата Фејсбук страница во текот на ноќта.
Судири меѓу влијателната Бригада 444 и Ал-Радаа, или т.н. Националните сили за одвраќање, две од многуте милиции кои се борат за власт по соборувањето на долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи во 2011 година, избувнаа во понеделникот вечерта и продолжија до вторник.
Либиската влада на национално единство (GNA) воведе вонредна состојба во областите на главниот град каде има вооружени судири. За ова прашање изјава даде вицепремиерот Рамадан Ахмед Бужина.
„Прогласуваме вонредна состојба во конфликтните области и повикуваме на прекин на огнот за да се овозможи пристап на медицинскиот персонал“, ја цитира неговата изјава ТВ Ал Џезира.
Либиското Министерство за здравство, од своја страна, ги повика страните во конфликтот „да обезбедат хуманитарен коридор за евакуација, спасување и медицински тимови за помош на цивилното население кое останува во областите на судирите“. Се известува дека заменик министерот за здравство Рамадан Абу Џенах побарал од вооружените групи да прогласат прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили, мртви и ранети. Според либиската телевизија Ал Араб, 100 семејства веќе се евакуирани од зоната на конфликтот во јужниот дел на Триполи.