Шпанскиот крал Фелипе во вторникот го покани лидерот на конзервативната Народна партија, Алберто Нуњез Фејо, да формира влада и да се обиде да го надмине ќор-сокакот по неубедливите резултати од изборите во јули, изјави претседателката на Долниот дом, Франсина Арменгол.
Кралот ја донел одлуката откако се консултирал со претставниците на партиите кои освоиле места во парламентот на изборите на 23 јули за да дознае кого ќе поддржат при гласањето за премиер, пренесува Ројтерс.
„Ќе им дадеме глас на повеќе од 11 милиони граѓани кои сакаат промени, стабилност и умереност со влада која ја штити еднаквоста на сите Шпанци“, рече Фејо на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), а во исто време му се заблагодари на кралот за мандатот.