Околу 700 луѓе треба да бидат отстранети во фази.
Властите во Грција издадоа наредба за превентивна евакуација на мигрантски центар во близина на главниот град Атина поради пожарот што беснее на планината Парната, пренесе „Прото тема“.
Според полициски извори, околу 700 лица сместени во Центарот за притвор за странци подложени на репатријација, кој се наоѓа во атинското предградие Амигдалеза, треба да бидат етапно евакуирани.
Евакуираните странски државјани со автобуси ќе бидат однесени во сместувачките центри во Малакаса и Атина.
Се појаснува дека евакуацијата е превентивна и засега се однесува само на мигрантите, но не и на полициското училиште и техничките служби на полицијата кои се наоѓаат на подрачјето на истото место.
Пожарот во подножјето на планината Парнита избувна во вторник напладне кај селото Фили.