Дали луѓето можат да го прошират својот вид во вселената и на други планети е прашање со кое се занимаваат научниците.
Ако сакаат да одат на подолги вселенски патувања и да освојуваат други планети, луѓето ќе мора да се справат со цела низа потенцијални проблеми – од тоа како да дишат и да јадат на долги патувања или на негостопримливи планети, до како да го продолжат видот.
Холандскиот старт-ап „Spaceborn United“ создаде прототип на мал уред за ин витро оплодување и мал инкубатор за ембриони, кои планираат да ги испратат во вселената и да спроведат серија експерименти.
Целта е да се утврди дали зачнувањето е можно во вселенски услови поради недостаток на гравитација, високи нивоа на радијација и ограничени услови за живот.
Прототипот на апаратот за ин витро оплодување не е поголем од обично ЦД, а ќе користи микрофлуидна технологија.
Идејата е дека дискот се ротира за да ги симулира ефектите на гравитацијата на Земјата во просторот со нулта гравитација.
Од „Спејсборн Јунајтед“ нагласуваат дека ќе ги спроведат првите тестови на клеточно ниво и на глувци.
Мисијата наречена „ARTIS“ би требало да трае шест дена, за време на кои би се оплодиле јајце клетките на глувците, а кога ќе започне клеточната делба во вештачка гравитација, ембрионите ќе бидат криогенски замрзнати и вратени на Земјата за контрола.
После тоа, ембрионите зачнати во вселената треба да се пресадат на глувци за да може да се следи понатамошниот развој на ембрионот и бременоста.
Овие експерименти, како што е најавено, треба да се направат во следните пет години.