Свет

Мароканското село Тафегагте целосно уништено, жителите се мртви или во болница

Мароканското село Тафегагте целосно уништено, жителите се мртви или во болница

Бројот на загинатите во разорниот земјотрес во Мароко се зголеми на 2.497, а бројот на повредени на 2.476. Се уште трагаат по голем број луѓе кои останале под урнатините.

Според последните податоци, најмногу луѓе ги загубиле животите во руралните области во близина на епицентарот на земјотресот, јужно од Маракеш.

Цели села се срамнети со земја, а патиштата блокирани поради урнатините и одроните предизвикани од земјотресот, пишува Би-Би-Си.

Се верува дека многу луѓе сè уште се закопани под срушените куќи.

Планинското село Тафегагте, на 60 километри југозападно од Маракеш, е целосно уништено.

Засега е потврдено дека 90 од неговите 200 жители загинале.

„Луѓето во ова село се или во болница или се мртви“, изјави еден локален жител за Би-Би-Си.

Абду Рахман ги загуби сопругата и трите сина

Абду Рахман ги загуби сопругата и трите сина.

„Нашата куќа беше таму горе“, вели тој, покажувајќи на делот каде што стоеше порано.

Сега е руина.

„Можете да ги видите и ќебињата и мебелот. Сè друго го нема“.

Абду Рахман се обидел да дојде до своите деца и сопругата, но никој не реагирал на неговите извици и повици.

„Ги закопавме вчера“, вели тој.

„Кога ги најдовме, сите беа склопени заедно. Трите момчиња спиеја, земјотресот ги закопа“.

Бебето првите денови од животот ги поминува во шатор

Бебето на Кадија сè уште нема ни име, а нејзиниот прв дом е шатор покрај патот.

Бебето е родено само неколку минути пред Мароко да биде погоден од смртоносен земјотрес доцна во петокот, 8 септември.

Иако мајката и ќерката, кои биле во болницата во Маракеш, не се повредени, тие биле евакуирани.

По брз преглед им било кажано да ја напуштат болницата само три часа по породувањето.

Ни рекоа дека мораме да одиме поради можни нови земјотреси“, рече Кадија.

Кадија и нејзиниот сопруг се обиделе да фатат такси со новороденото бебе во саботата за да стигнат до Тадарт, кој се наоѓа во планините Атлас, на околу 65 километри од Маракеш.

Но, сфатиле дека патиштата се блокирани поради одрони, па стигнале само до селото Асни.

Оттогаш, семејството живее во шатор покрај патот.

„Не добив никаква помош од властите“, вели Кадија додека го штити бебето од сонцето во рацете под тенка церада.

„Од луѓето што живеат во ова село побаравме ќебиња за да имаме со што да се покриеме. Ние го имаме само Бог“, вели таа.

Во меѓувреме, семејството успеало да изгради едноставен шатор.

Кадија ни кажа дека има само една прекривка за бебето.

Пријателите од родниот град на Кадија им кажале дека нивната куќа е тешко оштетена, а семејството не знаело кога повторно ќе има дом.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни